Косовскиот премиер Албин Курти денеска изјави дека се уште не одлучил дали ќе оди во Брисел на состанок со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој претходно го најави високиот претставник.на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.
Борел вчера изјави дека следната недела ќе ги покани Косово и Србија на состанок за „управување со кризни ситуации“.
„Што се однесува до повикот на господинот Борел за средба во Брисел, ми е малку чудно, бидејќи кога го прашавме за состанок во Брисел минатата недела, тој рече дека нам прво ни е потребна деескалација на ситуацијата. И веднаш по киднапирањето на тројца полицајци од страна на српската специјална единица, Борел бара средба на високо ниво“, рече Курти.
Тој додаде дека повикот дошол кога „ескалацијата е голема како планина“.