КФОР, ЕУЛЕКС и косовската полиција разговараа за ситуацијата во северниот дел од Косово

–  Генералниот директор на косовската полиција Газменд Хоџа, командантот на КФОР, генерал-мајор Анџело Микеле Ристуќа, шефот на ЕУЛЕКС Џовани Пјетро Барбано и претставници на Канцеларијата на ЕУ денеска разговараа за актуелната ситуација на северот на Косово.
Состанокот е почеток на реализацијата на договорот меѓу вицепремиерот на Косово Бесник Бисљими и европретставникот Мирослав Лајчак, со кој се предвидува овие три институции на секои 15 дена да ја разгледуваат безбедносната состојба на северот и да донесуваат заклучоци за мерките што треба да се преземе за да се деескалира ситуацијата и да се обезбеди мир и ред во тој дел на Косово.

Кфор соопшти дека на средбата се разговарало за мерките за деескалација што ќе ги спроведат институциите на Косово на краток рок, за оценката на безбедносната состојба на Косово, вклучително и за оценката на ситуацијата на северот. Кфор средбата ја оцени како позитивна и конструктивна, по што, како што најавија, ќе следат и други средби.

„Средбата беше позитивна и конструктивна и ќе биде проследена со понатамошни периодични состаноци и на техничко и на извршно ниво“, се вели во соопштението на Кфор на Твитер.

И шефот на Мисијата на ЕУ за владеење на правото (ЕУЛЕКС) на Косово, Пјетро Барбано, во објава на социјалната мрежа Твитер напиша дека во наредните денови очекуваат технички средби со косовската полиција и КФОР, за да се спроведат заеднички двонеделни проценки.

Одржувањето на средбата го најавила и косовската полиција, а како што се наведува во нивното соопштение, на средбата се разговарало за проценката на безбедносната состојба на Косово, вклучително и за оценката на ситуацијата на северот.