КФОР: Не постојат докази за наводите дека СПЦ учествувала во шверц на оружје од Србија во Косово

 – КФОР реагираше по обвинувањата што ги изнесе британската пратеничка и претседателка на Одборот за надворешна политика, Алиса Кернс, дека Српската православна црква (СПЦ) учествувала во шверц на оружје од Србија во Косово и дека КФОР имал сознанија за тоа.

Од КФОР соопштија дека настанот што го споменува британската пратеничка се однесува на 2022 година, кога на северот на Косово беше ангажиран Кралскиот фусилиски баталјон (Royal fusiliers) за поддршка на мисијата на КФОР.

„Наводното нелегално присуство на оружје беше пријавено во штабот на КФОР, но по понатамошната истрага за потврда за тоа, не се појавија докази за она што е пријавено. Не постојат докази ни за наводниот шверц што бил вршен преку административната гранична линија меѓу Косово и Србија до православните цркви со амбулантни возила“, се наведува во соопштението.

Исто така, се истакнува дека овој вид активности припаѓаат на владеењето на правото, и дека тоа е во надлежност на косовските безбедносни организации.

Реакцијата на КФОР доаѓа откако Рашко-Призренската епархија на Српската православна црква побара КФОР да ги провери наводите на британската пратеничка Кернс. Кернс во обраќање на седница на Парламентот на Велика Британија изјави дека оружје од Србија се шверцува со амбулантни возила, а потоа се истоварува во православните цркви во Косово.

„Рашко-Призренската епархија на Српската православна црква преку своето делување и изјавите во последните 30 години, пред и по вооружениот конфликт во Косово, беше и останува многу јасно против секое насилство, бидејќи тоа е спротивно на основните евангелски принципи и мисијата на Црквата. Затоа и сега сака да постапи со целосна сериозност и одговорност“, се наведува во соопштението.

Епархијата истакнува дека ова е многу опасно обвинение со кое се криминализира Српската православна црква и кое одредени приштински медиуми веќе го користат со цел ширење на верска и етничка омраза, што директно го загрозува српското свештенство, монаштвото и верските објекти.

„Доколку овие тврдења се покажат како вистинити, црковните лица за кои ќе се докаже дека евентуално се вмешани во злоупотреба на објектите на СПЦ и црковната служба за наводно пренесување или складирање оружје, ќе ги сносат најстрогите црковни казни и нема да можат да ја продолжат својата јавна служба“, се наведува во соопштението.

Во случај КФОР, како што се додава, да не може да ја потврди вистинитоста на овие тврдења, Рашко-Призренската епархија преку британската Амбасада во Приштина ќе побара извинување од споменатата пратеничка за запаливата и неточна изјава која има сериозни последици.