Русија беше пријател со Грција додека Атина не ги исполни „американските барања“, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, пишува грчкиот весник Катимерини.
– Забележавме трансформација на нејзиното раководство. Беше принудено или договорено да ги исполни американските барања. Донесовме заклучоци за оние кои толку радо поддржуваат агресија врз Русија – ја цитираа изјавата на Лавров на Твитер од руската амбасада во Атина.
Со овој твит, рускиот министер за надворешни работи го изрази своето незадоволство преку руската амбасада во Атина, реагирајќи без преседан на ставот на Грција во однос на руската војна во Украина, пишува Катимерини.
Во твитовите понатаму се наведува дека „Грција и Кипар беа меѓу најпријателските земји во последните години“ и дека до неодамна „имаа голем број заеднички културни и образовни проекти“, како и дека „економската соработка активно се развиваше во меѓусебен интерес“.
Лавров изјави дека „е чудна брзината со која се префрлиле не само во „таборот“ на оние што ги потпишале санкциите, туку и во групата на оние кои водат антируски акции.“ – Тоа ја отсликува наметнатата линија на агресивна конфронтација, а не интересот на Грците – порачаа од руската амбасада во Атина, цитирајќи ја изјавата на шефот на руската дипломатија, според Катимерини.