Лавров: „Руската Армија е способна да одговори на можното префрлање на американски борбени авиони во Украина“
Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, денеска изјави дека Вооружените сили на неговата земја се способни да одговорат на евентуалното префрлање на американски борбени авиони во Украина.
Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, денеска изјави дека Вооружените сили на неговата земја се способни да одговорат на евентуалното префрлање на американски борбени авиони во Украина, јавува Анадолу.
„Не постои сомнеж дека нашите Вооружени сили имаат способност да реагираат на ова“, рече Лавров како одговор на прашањето за реакцијата на Москва на ова прашање, за време на прес-конференцијата во кенискиот главен град Најроби, каде што е во официјална посета.
Лавров тврди дека намерата на Холандија и Данска да бидат во првите редови за давање обука на украинските пилоти за употреба на борбените авиони Ф-16 може да се опише како обид да се „задоволат хегемоните“.
„Овие земји активно ја следат линијата на Вашингтон во европските прашања, пред сè на европските форуми“, додаде тој.
Aмериканскиот секретар за одбрана, Лојд Остин, на 25 мај на Твитер објави дека Холандија и Данска ќе ја предводат коалицијата која ќе обезбеди обука за Ф-16 на украинските пилоти.
„Неколку земји помагаат да се овозможи обука за Ф-16. Сакам да им се заблагодарам на Данска и Холандија што ја водеа европската коалиција за да се обезбеди обука за украинските сили. Исто така, сакам да им се заблагодарам на Норвешка, Белгија, Португалија и Полска за придонесот“, рече Остин.
За време на прес-конференцијата, Лавров ја спомена и Иницијативата за жито во Црното Море, велејќи дека Русија претпоставува дека договорот за жито „повеќе не функционира“ доколку нејзината земјоделска банка не е интегрирана во меѓународниот платен систем СВИФТ.
Москва минатиот четврток го поврза вклучувањето на нејзината државна Руска земјоделска банка во меѓународниот платен систем СВИФТ со продолжувањето на Иницијативата за пренос на жито преку Црното Море, укажувајќи дека во спротивно ќе ги разгледа алтернативните опции за извоз на земјоделски производи.
„Ако сè остане како што е, и, очигледно, ќе биде така, тогаш ќе треба да се тргне од фактот дека веќе не функционира“, рече тој.
Туркије, ОН, Русија и Украина првично го потпишаа договорот во Истанбул минатиот јули за обновување на извозот на жито од три украински пристаништа на Црното Море, што беше прекинат по почетокот на руско-украинската војна во февруари 2022 година.
Ердоган на 17 мај објави дека договорот, кој требаше да истече на 18 мај, е продолжен за уште два месеца.