‘ЛАДЕН ТУШ’ ЗА АМЕРИКАНЦИТЕ ВО КИНА! Ентони Блинкен имал пет и пол часовен разговор во Пекинг, а неизвесно е дали ќе биде примен кај Си Џинпинг
Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, денес пристигна во Пекинг на средби со највисоките кинески претставници.
Тоа е, како што пишува медиумската агенција Reuters, прва посета на висок американски функционер на Кина во последните пет години, откако поранешниот американски претседател Доналд Трамп започна еден вид царинска војна со Кина.
Посетата на Ентони Блинкен првично беше планирана за февруари, но инцидентот со кинескиот шпионски балон кој се појави на небото над САД ја одложи посетата.
Државниот секретар на САД во Пекинг беше пречекан од кинескиот министер за надворешни работи Чин Ганг. Двајцата функционери кратко разговарале и се ракувале покрај знамињата на двете земји, а потоа заминале на средба зад затворени врати. Никој од нив не сакал да ја коментира средбата и разговорот кој траел околу пет и пол часа, а истиот продолжил на работната вечера.
„Се надеваме дека оваа средба ќе помогне односите меѓу Кина и САД да се вратат на нивото за кое двајцата претседатели се договорија на Бали“, објави на социјалната мрежа Твитер, Хуа Чунјинг, советник на кинескиот министер.
Ентони Блинкен денеска се очекува да се сретне со Ванг Ји, директор на Комисијата за надворешни работи на Централниот комитет на Кинеската комунистичка партија, а можеби и со претседателот Си Џинпинг.
Министерството за надворешни работи на Кина соопшти пред пристигнувањето на Ентони Блинкен дека Вашингтон треба да ги „почитува клучните грижи на Кина“ и да соработува со Пекинг.
„САД мора да ја напуштат илузијата да се занимаваат со Кина од позиција на сила. Кина и САД треба да развијат односи засновани на меѓусебно почитување и еднаквост, притоа почитувајќи ги разликите“, се вели во соопштението.