Лажен профил од Косово предизвика паника: Објавил слика од имам, па напишал дека Вања исчезнала кај него! Во потрагата се вклучија и Интерпол и ловџии

По барање на Министерството за внатрешни работи на Македонија, по исчезнатата Вања Г. е распишана жолта меѓународна потерница на Интерпол.

Од МВР информираа дека за расчистување на случајот и пронаоѓање на 14-годишното девојче, преземено е дејствие веднаш по приемот на пријавата, вклучени се целосните капацитети на СВР Скопје на највисоко ниво, извршени се низа разговори со лица блиску до малолетници, биле прегледани камери.

Вознемирувачки пораки на социјалните мрежи

На социјалните мрежи се шират вознемирувачки пораки и содржини за исчезнувањето на Вања Горчевска.

Во коментарот под објавата на нејзината мајка, лажен профил од Косово, кој ја злоупотребил фотографијата на имам од Албанија, напишал дека девојката била со него.

На Фејсбук кружат низа други дезинформации за нејзиното исчезнување, придружени со вознемирувачки и недолични коментари.

Сите досегашни вести за наводното пронаоѓање на девојчето беа навремено демантирани од МВР.

Да потсетиме, Вања Горчевска исчезна во понеделникот наутро во Скопје, на пат кон училиштето Песталоци кај Дебар Мало. Последен пат е видена на булеварот Партизански одреди пред „Броз кафе“ каде се изгубила. Жолто известување е глобален полициски извештај за исчезнати лица. Објавен е за жртви на напуштање на семејството, киднапирање и ненадејно исчезнување.

Покрај полицијата, во потрагата учествува и семејството, како и нејзините соученици кои поставија плакати со фотографијата на Вања и бараат какви било информации каде исчезна девојчето. Исто така, во потрагата активно учествува и Ловното друштво.