Лампард официјално назад на Стемфорд Бриџ: “Се враќам со верба дека можам да помогнам и да го дадам на навивачите она што го сакаат!“
Френк Лампард се врати во Челзи и ќе ја преземе функцијата привремен тренер до крајот на оваа сезона, објави во четвртокот клубот од „Стемфорд Бриџ“.
Најдобриот стрелец на клубот веќе помина 19 месеци на клупата на Челзи пред да биде отпуштен во јануари 2021 година.
„Воодушевени сме што го пречекуваме Френк назад на ‘Стемфорд Бриџ‘. Френк е во ‘Куќата на славните во Премиер лигата“ и клупска легенда“, изјавија косопствениците Тод Боли и Бехдад Егбали во изјавата за он-лајн порталот на клубот.
„Додека ја продолжуваме интензивната потрага по главен тренер, сакаме да им овозможиме на клубот и навивачите да имаат јасен и стабилен план до крајот на сезоната. Сакаме да си дадеме шанса да успееме, а Франк ги има сите карактеристики и квалитет да не доведе до целта“, соопштија од клубот.
„Ќе дадам се од себе во овој период на навивачите да им го дадам она што го сакаат. Мојата улога зборува само по себе, сакам да ја завршам работата најдобро што можам и потоа ќе видиме што ќе се случи. Јас сум практична личност, тргнав на друг пат откако го напуштив Челзи, но се враќам со верба дека можам да помогнам. Мило ми е што ја добив шансата, сигурен сум во себе и благодарен“, изјави славниот играч на сините.
Челзи има уште девет натпревари во Премиер лигата и уште поважни дуели во четврт-финалето на Лигата на шампионите против бранителот на титулата, Реал Мадрид, кои се закажани за 12. април во Шпанија и 18. април на „Стемфорд Бриџ“.
Лампард го водеше Евертон до јануари оваа година, каде што доби отказ поради лошите резултати.