Левандовски искрено проговори за разговорот со Клоп кој му го променил животот и кариерата: “После тоа ништо не беше исто!“
Роберт Левандовски ја покажува повторно голгетерската форма која ја имаше во Баерн Минхен и во Барселона. Полјакот постигна 25 гола на 32 натпревари за каталонскиот тим, а во интервју за ESPN се присети на разговор кој му ја промени кариерата.
Тоа било разговор со Јирген Клоп, кој раководеше со полскиот напаѓач додека тој настапуваше за Борусија Дортмунд.
„Една ситуација ми ја промени кариерата. Тоа беше во првата или почетокот на втората сезона во Борусија. Не бев во добра форма, не успеав да постигнам многу голови и не знаев што сака тренерот од мене. По еден поразен натпревар, побарав да разговарам со него. Беше во хотелот околу полноќ и му реков дека сакам да разговарам со него бидејќи не разбирам што бара и очекува од мене“, се присетил Левандовски и објаснил што се случило:
„Очекував тој разговор да трае 5-10 минути, но разговаравме околу час и половина. Најважно за мене беше фактот што се чувствував како да зборувам со татко ми, а не со тренер, што ми беше многу важно бидејќи го изгубив татко ми на 16 години и дотогаш немав со кого да разговарам“.
После тоа, како што истакнува, се се променило.
„Три дена подоцна одигравме натпревар во Бундеслигата, мислам дека беше против Аугсбург, во кој постигнав хет-трик и имав една асистенција. Во тој момент сфатив дека тоа што го имате во вашата глава е многу важно бидејќи не сменив ништо како играч, но по разговорот со Клоп се чувствував слободен, како да сум ги расчистил мислите. После тоа веќе ништо не беше исто“, заклучил Левандовски