Лекарите алармираат: Пациентите се жалат на долга треска, пикот допрва доаѓа

Долго трае боледувањето од сезонскиот грип, од седум до десетина дена со силни симптоми проследени со зголемена температура, кашлица, затнат нос, малаксаност, течење на нос, главоболка. Болните на социјалните мрежи пишуваат за неиздржливите симптоми. Во групата на Фејсбук, за совети и искуства од ковид, лекарите кои се активни и споделуваат мислења велат дека има два типа грип, па можна е зараза од грип и по вторпат. Според нив последниве години и патологијата на вирозите е изменета, има сè поагресивни вируси со потешки симптоми. Така, дел од болните граѓани се жалат кај матичните лекари и на дијареја. Лекарите објаснуваат дека грипот може да предизвика воспаление на синусите и инфекции на увото, во потешките случаи може да дојде до пневмонијата како резултат на инфекција со вирусот или во комбинација со бактерии.

Долго трае боледувањето од сезонскиот грип, од седум до десетина дена, со силни симптоми проследени со температура, кашлица, затнат нос, малаксаност, течење на нос, главоболка. Амбулантите се полни, а во болницата за белодробни заболувања во Козле дневно се прегледуваат и по повеќе од 200 деца. Поголемиот број од нив се горно респираторни вирусни инфекции, вели за весникот ВЕЧЕР, доктор Олга Спасова. Во болницата се хоспитализирани 70-ина деца, а на кислородна поддршка во моментов се две.

– Апелираме до родителите, поради огромниот број заразни вирусни инфекции прво да се упатат на матичен педијатар, па доколку има потреба, тој ќе ги упати кај нас. Следнава недела ќе се случува пикот на сезонскиот грип и на другите респираторни инфекции кои се манифестираат со покачена температура, кашлица, малаксаност, течење на нос, главоболка, намален апетит. Болните деца веднаш да бидат изолирани од другите, а во периодот на боледување да пијат многу течности, да јадат полесна храна и пробиотици, вели д-р Спасова.