Лидерот на побројното крило на албанските опозициски демократи, Сали Бериша, на редовната неделна средба со новинарите најави протести и вонинституционална реакција од опозицијата.
Тој предупреди дека „она што се случи во Собранието со бојкот и блокирање на работата на пленарната седница, е само почеток на бранот протести на опозицијата”.
– Ќе застанеме во парламентот со нашиот најсилен протест. И овој протест, ви гарантирам, нема да остане само во собраниската сала. Рака под рака, постепено ќе се шири на улиците, плоштадите и другите институции во земјата, изјави Бериша.
Како форма на протест тој не го исклучува и штрајкот со глад.
– Апсолутно да, не го исклучуваме штрајкот со глад. Целосно. Постои вистинска подготвеност и тоа е опција. Нема дискусија, ова е битка, рече Бериша.
Во четвртокот од вкупно 59 колку што брои опозицијата, 45 пратеници, кои се на страната на Бериша, ја блокираа собраниската говорница, поради што претседателката на парламентот Линдита Никола беше принудена да ја одложи пленарната седница.