Лидерот на Хезболах ја нападна ЛГБТК заедницата: „Тие се вистинска опасност, треба да бидат убиени“

„Ние не измислуваме битки или опасности. Ова е вистинска опасност која е неизбежна и e започната“, рече Хасан Насрала во телевизискиот говор во пресрет на Денот на Ашура, еден од најважните шиитски празници.

Насрала минатата недела рече дека хомосексуалците, дури и ако имаат истополови односи само еднаш, „треба да бидат убиени“.

Лидерот на Хезболах рече дека во Либан „оваа опасност започна со неколку образовни институции и невладини организации“ кои на децата им „промовираат“ истополови врски.

Тој го повика Министерството за образование да дејствува.

Хезболах е формиран во 1982 година, по израелската инвазија на Либан истата година, а денес многу западни влади го сметаат за терористичка организација.

Тоа е единственото движење што не се разоружа по Либанската граѓанска војна во 1990 година и останува важен политички играч во политиката на земјата чија економија имплодираше во 2019 година.

Религиски разновиден Либан е една од полибералните земји на Блискиот Исток, па ЛГБТК заедницата е веќе долго време видлива и гласна таму, и покрај рациите во кафулињата, ноќните клубови и неговите центри, пишува агенцијата Франс прес.

Но, денес ѝ се заканува системска социјална, економска и правна дискриминација, што може дополнително да се влоши со реториката на Хезболах.

„Говорот на омраза служи како алатка за диверзија што ја користат Насралах и политичките елити за да го одвлечат вниманието од длабоките економски разлики и владините неуспеси“, напиша Хусеин Чеаито, економист со фокус на квир прашања, на Твитер.

„Таа пресметана тактика го одржува нивното останување на власт“, ​​додаде тој.

ЛГБТК заедницата во Либан постигна победа во 2018 година, кога судот пресуди дека истополовото однесување не е нелегално, но оттогаш нејзината позиција е деградирана.

Минатото лето нивни активисти беа нападнати, а Прајд беше откажан откако Министерството за внатрешни работи им нареди на безбедносните сили да спречат настани кои „промовираат сексуална перверзија“.