Лили Ален јавно ѝ се извини на Кети Пери за исмејувањето на нејзиниот лет во вселената: Жал ми е за сè (видео)

Британската пејачка Лили Ален јавно ѝ се извини на својата колешка Кети Пери, откако претходно ја критикуваше и исмејуваше за нејзиното учество во летот до работ на вселената.

Иако неодамна беше меѓу оние кои коментираа негативно за потфатот, Ален сега признава дека нејзините зборови биле претерани и непотребни.

Зборувајќи во новата епизода од нејзиниот подкаст „Miss Me?“, Ален отворено призна дека го преиспитала сопствениот став и дошла до заклучок дека не е во ред да ја осудува Пери за нешто во кое таа не била единствениот учесник.

„Долго време размислував за сè и сфатив дека нема потреба да се налутам на неа на тој начин. Точно, сè уште не го поддржувам она што го направија, но Кети не беше единствената. Таа веројатно беше најпознатата од нив, па затоа луѓето најмногу се фокусираа на неа“, рече Ален.

Таа додаде дека би ја повредило ако се најде во слична ситуација и ако другите го користат нејзиното име на негативен начин. Затоа таа директно ѝ се обрати на Пери и ѝ испрати искрено извинување: „Жал ми е, Кети Пери. Знам дека веројатно не го слушаш овој подкаст, но навистина ми е жал.“

За потсетување, на 14 април, Кети Пери беше дел од мисија во која пет жени летаа до работ на вселената во капсулата „Њу Шепард“. Заедно со Пери, во вселенското летало беа и Лорен Санчез, свршеницата на Џеф Безос, новинарката Гејл Кинг, продуцентката Кариен Флин, поранешната инженерка на НАСА, Ајша Боу, и активистката Аманда Нгуен.

По слетувањето, Безос топло им посака добредојде на сите учесници, ги прегрна и им се заблагодари за нивната храброст. Кејти Пери, како и другите патници, го доживеа ова патување многу емотивно – откако ја напушти капсулата, ја бакна земјата, а во вселената ја отпеа песната „What a Wonderful World“.