Лога во Гевгелија на средба со градоначалникот Сарамандов и со претседателката на Основниот суд, Аврамчева Зафирова
– Со цел да се информираат граѓаните за бесплатната правна помош како и да се обезбеди подобра искористеност и пристап до овие услуги, денеска министерот за правда Кренар Лога учествуваше во јавната промоција на оваа помош во Гевгелија.
Како што соопштија од Министерството за правда, на средба со градоначалникот на Гевгелија, Андон Сарамандов,министерот Лога разговарал за важната улога на локалната власт во постигнување на нашите заеднички цели, како што е соработката во спроведувањето на бесплатната правна помош и потребите на општината за поддршка од Министерството за правда, со единствена цел, се наведува во соопштението, успешно служење на граѓаните, исполнување на нивните потреби и нашите обврски.
Меѓу останатото, градоначалникот ја истакнал и потребата за зајакнување на капацитетите на Управата за имотно правни работи во Гевгелија која се соочува со 5000 нерешени предмети, како и немање на геодет во Агенцијата за катастар на недвижности.
– Оваа активност е дел од серијата активности за подигање на свеста, поддржани од Европската Унија и Советот на Европа во соработка со Министерството за правда, што ќе се одржат во различни региони во државата, со цел да се промовира користењето на бесплатната правна помош, со посебно внимание на ранливите категории, појаснуваат од МП.
Реформите во правосудство, истакнување на забелешките од домашни и меѓународни експерти и невладини организации, како и сите други предизвици, биле главни теми за кои разговарале на денешната средба министерот за правда, Кренар Лога со председателката на Основен Суд Гевгелија, Марица Аврамчева Зафирова.
– Претседателката на Основниот суд информираше и за активностите кои се преземаат заради подобрување и обезбедување правични и ефикасни постапки за заштита на правата на недокументирани лица-странци во судските постапки, за која цел Основниот суд Гевгелија има воспоставено партнерство за соработка со УНХЦР врз основа на кое е изготвен Акционен план за соработка и активности. Во тек е изготвување на Прирачник за постапување со недокументирани лица-странци, соопштија од Министерството за правда.
Од МП додаваат дека нивна заложба останува враќање на довербата на граѓаните во правосудството, како и обезбедување на праведно и независно судство.