Лондонската полиција објави снимка од безбедносните камери на осомничениот кој украл виолина стара 285 години од паб и апелира за помош од јавноста во нивните напори да го пронајдат инструментот вреден 150.000 фунти.
Детективите од Лондонската метрополитенска полиција го бараат украдениот инструмент од 18 февруари, кога виолината исчезна од пабот „Марквис Таверн“ на улицата Канонбери во Лондон, објави „Гардијан“.
Виолинистот Дејвид Лопез Ибањез од Лондонскиот филхармониски оркестар вечерал во барот со пријател кога виолината до него исчезнала.
Вредниот инструмент му го позајмил германски бизнисмен кој сакал да му помогне во кариерата.
Ибањез рече дека неговиот „живот е растргнат на парчиња“ откако виолината исчезнала и додаде дека имал чувство дека „срцето ќе му пукне“.
„Го објавивме видеото од безбедносните камери во обид да помогнеме човекот на видеото да биде идентификуван што е можно поскоро “, рече Мајкл Колинс, член на Метрополитенската полиција.
Тој додаде дека сопственикот на виолината им кажал дека инструментот е направен во Фиренца во 1740 година.
„Виолината е исклучително вредна, а за жртвата на кражбата е бесценета. Ве молиме помогнете ни да го пронајдеме крадецот и да го вратиме инструментот на неговиот вистински сопственик“, апелираше Колинс до граѓаните.
Виолината, изработена од Лоренцо Каркаси, му била „великодушно“ позајмена на Ибањез за да му помогне подобро да настапува во Филхармонискиот оркестар, а истовремено биле украдени три гудала, објави „Гардијан“.
Кражбата потсети на исчезнувањето на виолина изработена од Страдивариус во 1696 година, која беше украдена од станицата Јустон во 2010 година, објави весникот.
Инструментот вредел 1,2 милиони фунти, а полицијата упати апел до јавноста и објави снимки од безбедносните камери од потрагата.
Инструментот бил пронајден на имот во Мидлендс, а сторителот на таа кражба бил осуден на четири и пол години затвор во 2011 година, потсети „Гардијан“.