Лоши вести за љубителите на благо

Повисоките цени на какаото и шеќерот предизвикаа значително зголемување на цената на чоколадото и слатките, јавуваат холандските медиуми.

Како што се наближува крајот на летото, производителите почнуваат да складираат подароци како чоколадни писма и колачиња со пепернотен кои традиционално се продаваат за холандскиот народен празник Синтерклаас на почетокот на декември. Потрошувачите може да очекуваат да платат многу повеќе за овие задоволства оваа година поради големите поскапувања на какаото и шеќерот, пренесува холандскиот NOS.

Производителот на чоколади Дросте најави дека чоколадните букви годинава ќе поскапат за 10 до 15 отсто. Вклучувајќи ги и минатогодишните поскапувања, потрошувачите сега ќе плаќаат и до 30 отсто повеќе отколку во периодот пред конфликтот меѓу Русија и Украина, кој предизвика огромна инфлација, наведува НОС.

„Тоа е едноставно неопходно“, рече комерцијалниот директор на Дросте, Бернард Брумелар.

„Ние плаќаме 50 отсто повеќе за какаото, нашата главна суровина, а 25 отсто повеќе за шеќерот“, објасни тој. Згора на тоа, компанијата се соочува со повисоки трошоци за енергија, пакување, испорака и работна сила, исто како и сите други.

Директорот и сопственик на компанијата Van Delft Biscuits, Оскар де Ланге наведува слични проблеми. „Верувам дека пипернотените колачиња ќе поскапат за потрошувачите за околу 20 отсто оваа година“, рече тој.

Тоа значи дека цената на една кеса од еден килограм ваков вид колачиња со чоколадо, на пример, ќе биде близу пет евра. Де Ланге, сепак, не е премногу загрижен за бројките за продажба. Продажбата на велигденски јајца годинава, на пример, не се намали иако килограм ќесе првпат се продаваше за над пет евра.

„Потрошувачите нема да купуваат помалку, и покрај цената од 5,49 евра по торба. Празниците како Велигден и Синтерклас се на крајот на краиштата еднаш годишно и тука се вклучени многу чувства и емоции“, смета Де Ланге.

Цените на какаото на Њујоршката берза се на највисоко ниво во последните повеќе од десет години.

„Цените се блиску до претходниот врв од 2011 година“, изјави за НОС економистот од прехранбениот сектор на ИНГ, Тис Гејер.

„Неповолните временски услови и прогнозите за жетвата во главните производни области се важни фактори овде“, објасни тој.