Пијани Американци тајно спиеле на Ајфеловата кула: Ги спасиле пожарникарите

Во Париз двајца пијани американски туристи успеале тајно да преноќат на Ајфеловата кула, јавува денеска Франс прес, повикувајќи се на извори во француската полиција и правосудство.

Компанијата „Сете“, која стопанисува со познатиот париски споменик, објави дека чуварите пронашле двајца туристи по ноќта помината под ведро небо.

Тие се наоѓале помеѓу вториот и третиот кат на кулата, во просторот каде што посетителите не смеат да влезат.

„Тие не претставуваа очигледна закана“, велат од компанијата „Сете“.

Полицијата навела дека американските туристи во неделата околу 22 часот и 40 минути платиле билет за обиколка на Ајфеловата кула и при враќањето од врвот ја прескокнале оградата и преминале во нелегален простор.

Припадниците на специјалната единица за качување на противпожарната служба помогнале да се спуштат двајцата туристи на безбедно.

„Ќе беа заглавени затоа што беа под дејство на алкохол“, според париското обвинителство.

Фирмата „Сете“ најави тужба, а обвинителството одлучи да не ги товари за неовластено влегување во објект од историско и културно значење бидејќи не е причинета штета.