ЛУКАС И МИРОСЛАВ ИЛИЌ НАПАДНАТИ ОД САРАЕВСКАТА МАФИЈА – Жестоки момци му земале 22.500 евра на Аца, па сакале да го ограбат и познатиот фолкер
Пред неколку дена некои медиуми од Босна и Херцеговина објавија информација дека концертот на Мирослав Илиќ во сараевската сала Зетра, кој наводно бил планиран за 11 февруари, бил откажан бидејќи пејачот изведувал четнички песни на Купусијада во Мрчаевци.
Брзо се покажа дека настапот на фолкерот никогаш не бил официјално закажан, иако организаторите од Сараево го најавуваа со недели. За што се работи?
Перфидна игра
Според пишувањата на белградски Курир, зад оваа поставеност, која можеше да му нанесе голема штета на Илиќ, стои мафијашка група од Сараево, на чело со уапсениот Адмир Арнаутовиќ Шмрк. Тој и неговите луѓе со години раководат со најголемата онлајн платформа за продажба на влезници во Босна и затоа преку таа компанија учествуваат во организација на концерти на многу пејачи во таа земја. Меѓу тие ѕвезди е и Аца Лукас, чиј продуцент Саша Мирковиќ е и најблизок соработник на Мирослав Илиќ. Кога Лукас имаше концерт во Зетра во ноември минатата година, екипата на Шмрк му одзеде уплата на 3.000 влезници, чија вредност е 45.000 конвертибилни марки, што е околу 22.500 евра.
Изворот на Курир вели дека тие денови се зборувало за организирање концерт на Мирослав Илиќ, што било начелно договорено, но никој не очекувал дека ќе има проблеми околу исплатата на парите за настапот на Аца. Кога луѓето од тимот на Аца сфатиле дека парите нема да им бидат исплатени, ја известиле сараевската екипа дека нема ништо од концертот на Илиќ во сараевска Зетра, но тие изгледа не ги сфатиле сериозно.
Тие продолжија да го рекламираат соло настапот на фолкерот до пред некој ден, редовно продаваа билети и на тој начин заведуваа и измамија илјадници луѓе. Сега, на веб-страницата на компанијата, има известување за враќање на парите на фановите кои се надеваа дека ќе уживаат во хитовите на Мирослав Илиќ на 11 февруари. Мирковиќ вели дека таа желба на луѓето ќе им се исполни штом ќе се укаже добра прилика.
- Концертот на Мирослав Илиќ во Сараево во Зетра ќе се одржи штом ќе се исполнат нормалните услови – изјави тој.
Закани и бомби
Адмир Арнаутовиќ Шмрк беше уапсен во септември 2022 година, а Обвинителството на Босна и Херцеговина го товари за организиран криминал, шверц на дрога, перење пари, насилничко однесување и нанесување сериозни телесни повреди. Се сомничи дека како организатор на меѓународна група подолго време шверцувал големи количества кокаин, спид и марихуана. Неговото апсење следеше по дешифрирањето на апликацијата Sky.
Се сомнева дека Шмрк ги вложил своите валкани пари во кариерите на бројни музички ѕвезди, како Јала Брат и Буба Корели, кои дополнително регрутирале други пејачи да се приклучат на нивниот тим. Маја Беровиќ и Сенида Хајдарпашиќ Сенидах работеле со нив извесно време, а кога сфатиле дека имаат работа со мафијата, решиле да се повлечат.
Тоа за малку ќе ги чинеше живот. На Беровиќ екипата од Сараево најпрвин и фрлила бомба во дворот на нејзината куќа во Белград, а потоа пукале во комбето во кое биле нејзините музичари и само од чиста среќа никој не бил повреден. Тортурата против Сенида трае веќе три години и речиси и не смее да се движи никаде без обезбедување. Имаше бројни обиди да и се наштети (најчесто со бомби), што го покажаа и пријавите на сараевската полиција, во кои пишува дека Шмрк имал намера да ја повреди и претепа пејачката Сенида или да и полие киселина врз лицето, бидејќи пред неколку години ја прекина деловната соработка со него.