Лукашенко: Белорусија нема да се двоуми за употребата на нуклеарно оружје во случај на агресија

– Белорускиот претседател Александар Лукашенко изјави дека Минск „нема да се двоуми“ за употребата на нуклеарно оружје во случај на агресија врз земјата.

„Мислам дека е малку веројатно дека некој би сакал да се бори против земја која има такво оружје. Тоа е оружје за одвраќање. Не дај Боже да морам да донесам одлука за употребата на ова оружје во модерното време. Но, нема да има двоумење, сѐ додека има агресија против нас“, изјави Лукашенко за новинарите за време на работната посета во регионот на главниот град Минск, објави белоруската државна новинска агенција „Белта“.

Лукашенко рече дека распоредувањето руско нуклеарно оружје во Белорусија е „неопходна одлука, за никој да не стапне на белоруското тло“, истакнувајќи дека одлуката е негово итно барање до Москва да ја гарантира безбедноста на неговата земја.

Кон крајот на мај, министрите за одбрана на Русија и Белорусија потпишаа договор за распоредување на руско нуклеарно оружје во Белорусија, што предвидува услови за негово чување во специјален капацитет за складирање.

На почетокот на оваа година, Путин најави дека Русија ќе распореди тактичко нуклеарно оружје и ќе ја заврши изградбата на специјално складиште за него во соседна Белорусија.

Путин рече дека потегот е одговор на зголемените безбедносни ризици, нагласувајќи дека Москва ги следи САД, кои го распоредија своето тактичко нуклеарно оружје во европските земји.