Маж пронашол жива змија во пакувана брокула купена од супермаркет

Постар маж пронашол жива змија во пакувана брокула купена од супермаркет во англискиот град Вест Мидлендс.

Невил Линтон (63) го ставил пакувањето во фрижидер, а три дена подоцна го извадил зеленчукот за да го зготви. Тогаш ја забележал змијата, пренесе британската новинска агенција SWNS.

Човекот се плашел од змии, па сестра му отишла да му помогне.

„Имам среќа што не ја оставив брокулата отворена во кујната, змијата ќе се шеташе низ нашата куќа“. Ова е огромен ризик за нас, членовите на мојата фамилија се многу ранливи“, рекол Линтон.

Тој ја купил брокулата за време на неговите редовни неделни патувања за купување намирници.

Кога подоцна го отпакувал зеленчукот на кујнскиот пулт, ја видел змијата сместена во близина на стеблото на брокулата.

Невил и сестра му ја ставиле брокулата во пластична кутија и ја вратиле во продавницата. Исплашени биле и вработените во супермаркетот.

Невил Линтон вели дека му е понудено обесштетување. Сепак, според него, тоа не е доволно – не може да го компензира ризикот за неговиот син инвалид.

„Ако змијата излезеше од ќесето, последиците за нас ќе беа огромни“, вели Линтон.

„Исто така, имам фобија од змии, а тоа го зема и својот емоционален данок“, додава тој.

Синџирот на супермаркети соопшти дека станува збор за изолиран инцидент кој се истражува и дека жали што неговите вообичаени високи стандарди не биле исполнети.