Од вкупно 137 држави, Северна Македонија се најде на 87 место на новиот извештај „Среќата во светот 2023“ кој го објавуваат Обединетите Нации. Според извештајот, нашата држава е на последното место на Балканот и меѓу најнесреќните држави во Европа.
Индексот ги мери субјективните чувства на граѓаните, преку визуелната „Скала на Кантрил“, прашање за тоа колку тие се чувствуваат среќни и зошто. Секоја година, луѓето низ светот за потребите на оваа анкета одговараат на прашањето каде тие лично сметаат дека се наоѓаат, според моменталната ситуација во животот на скала од 0 до 10.
Од земјите околу нас, најдобро рангирана е Словенија (22 место), Косово (34), Србија (45), Хрватска (48), Грција (58), Црна Гора (67), Босна и Херцеговина (71), Бугарија (77) и Албанија (83). Во Европа полош резултат имаат само Грузија (90 место), Украина (92) и Турција (106).
Извештајот оваа година ги рангираше државите според тригодишен просек, а нашата држава за периодот 2020-2022 година има просечен резултат од 5,254.
Најсреќна држава во светот и оваа година е Финска, која има просечен резултат од 7,804. Зад неа се Данска, Исланд, Израел и Холандија, а најнесреќна држава за 2023 године е Авганистан, со просечен резултат од 1,859.
Помеѓу најнесреќните држави се и и Либан, Сиера Леоне, Зимбабве и Демократска Република Конго.
Извештајот „Среќата во светот“ што ОН го објавува на 20 март – Меѓународен ден на среќата, се објавува 11 година по ред.