Од денеска стапуваат на сила измените на Кривичниот законик , кои во Собранието на Република Македонија беа изгласани по скратена постапка и со европско знаменце, без јавна расправа.
Со измените, меѓу другото, се предвидуваат помали казни за прекршоци поврзани со злоупотреба на службената положба, несовесно работење во службата и злосторничко здружување.
На измените во Кривичниот законик вчера реагираше и Врховниот суд на Македонија, кој посочи дека добиле нецелосна верзија на измените во Кривичниот законик, без спорните членови со кои се намалуваат казните за службените лица.
„Врховниот суд оценува дека донесувањето законски измени без транспарентен процес преку јавна расправа и експертска расправа е спротивно на заложбата за реформирање на законодавството во согласност со европските стандарди“, нагласи Врховниот суд на Република Мakедонија.
Измените во Кривичниот законик наидоа на критики и од меѓународните.
Остри критики стигнаа од Европската комисија за содржината, но и за начинот на одобрување на измените во Кривичниот законик. Според Комисијата, Македонија е посветена на унапредување на владеењето на правото и борба против неказнивоста и затоа санкциите за коруптивни активности треба да бидат ефективни и соодветни.
Од Брисел, како што се додава, изразуваат жалење што измените претходно не биле предмет на опсежни консултации и било користено европското знаме.
Додека амбасадорката на САД во РСМ, Ангела Агелер рече дека адвокатски тим од американската амбасада ги испитува измените во Кривичниот законик.