Македонија официјално ќе го преземе следното претседателство со ЕУСАИР

Во рамките на грчкото претседателство со Макро-регионалната стратегија на ЕУ за Јадранско-јонскиот регион (ЕУСАИР) и со Јадранско-јонската иницијатива (АИИ) од денеска до четврток во градот Ханиа на Крит ќе се одржи десеттиот годишен форум на Стратегијата на ЕУ за Јадранско-Јонскиот регион, а во рамките на состанокот нашата земја и официјално ќе го преземе следното претседателство со ЕУСАИР.

Македонската делегација на јубилејниот десетти форум на Крит ја предводи министерот за европски прашања Орхан Муртезани.

Од Министерствата за национална економија и финансии и за надворешни работи на Грција преку заедничко соопштение информираа дека во рамките на годишниот форум на Крит ќе се одржи „Министерски состанок на Иницијативата/ЕУСАИР (на 6 мај), со усвојување на Критската декларација; Панелот на министри надлежни за европските програми; церемонијата на предавање на претседателството од Грција на Македонија, како и прес-конференција на шефовите на двете претседателства“.

Паралелно, додадоа дека форумот вклучува богата програма на сесии и тематски настани со учество на над 400 претставници од земјите-членки на Стратегијата, од Европската комисија, академската заедница, граѓанското општество и бизнис светот.

– Целта на грчкото претседателство и Форумот е зајакнување на регионалната соработка во Јадранско-јонскиот макро-регион, промоција на европската перспектива на Западен Балкан, истакнување на улогата на социјалната кохезија, истакнување на сините вештини и справување со климатските промени во новиот ревидиран Акциски план, како и да се поврзе ЕУСАИР со идната Кохезиска политика по 2027 година, соопштија од Министерствата за национална економија и финансии и за надворешни работи на Грција.

Додадоа дека со десеттиот годишен форум на Крит ќе се истакне „стратешката улога на Грција како мост меѓу Европската Унија и Западен Балкан и ќе се потврди и цврстата посветеност на земјата кон зајакнување на европската кохезија, транснационалната соработка и одржливиот развој во поширокиот регион“.