Македонија сѐ уште нема конечен став околу можното доаѓање на Лавров во Скопје

– Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, наедно и претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи, изјави дека посакува сите негови колеги од земјите членки на Организацијата да бидат присутни на Министерскиот совет што на 29 и 30 ноември ќе се одржи во Скопје.

Одговарајќи на новинарски прашања, Османи истакна дека се направени сите подготовки за „најмасовниот настан што кога било се случил“ во земјата.

Тој рече дека во Скопје ќе дојдат 76 делегации, од кои 56 на земји учеснички на ОБСЕ и останатите на земји партнери од Медитеранската група и од Азиската група, додавајќи дека се очекува да бидат присутни околу 1.000 членови на делегации.

Одговарајќи на конкретно прашање во врска со присуството на рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, Османи рече дека сѐ уште не е донесена одлука.

„Одлуката е на Република Северна Македонија по однос на присуството, во согласност со одлуката на Европската Унија за санкционирање на одредени лица, нашето приклучување, како тоа се реперкуира врз учеството, присуството итн. Затоа, наредните денови ќе излеземе со конечен став како ќе одговориме на барањето за учество на делегацијата, во кое ниво и во колкав број. Јас реков, се надевам дека ќе успееме на крајот сите да бидеме присутни во Скопје”, рече Османи.

Тој додаде дека одлуката за санкции на ЕУ не се однесува на настани од мултилатерален карактер, како што е ОБСЕ, но истакна дека Бугарија или Грција треба да дозволат прелет на Лавров.

Во врска со присуството на државниот секретар на Соединетите Американски Држави (САД), Ентони Блинкен, Османи рече дека досега нема индикации дека високиот американски дипломат нема да дојде, додавајќи дека земјата се подготвува за неговото доаѓање.

Османи, исто така, одговараше на прашања поврзани со внатрешните полемики во ОБСЕ за следната земја претседавач со организацијата.

„Без претседавач ОБСЕ нема политички мандат да продолжи да работи. Тука имаме развиено неколку сценарија. Првото сценарио на кое работиме е да продолжиме да бараме поддршка за единствениот кандидат, тоа е Естонија. Доколку се исцрпи ова сценарио, Естонија да не може да добие консензус, бараме алтернативно друга држава што може да постигне консензус. Ако не може да најдеме и алтернативна држава до скопскиот Министерски совет, тогаш евентуално теоретски може да се постави прашањето ние да продолжиме уште една година“, рече Османи.

Министерот, исто така, објасни дека на барање на Министерството за надворешни работи, Владата на Северна Македонија вчера одлучи 30 ноември да биде неработен ден во градот Скопје за државната и јавната администрација, за основните и средните училишта, а на 29 ноември работното време да биде до 12 часот.