Македонија ќе биде коспонзор на резолуцијата во ОН за Сребреница, Османи не очекува да влијае на односите со Србија
Северна Македонија заедно со САД, Германија и други држави е коспонзор на резолуцијата во Обединетите нации за прогласување на 11 јули за меѓународен ден на сеќавање и комеморација на геноцидот во Сребреница во 1995 година и одбележување на истиот секоја година, соопшти на денешната прес – конференција министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Резолуцијата ќе биде претставена на 17 април пред Генералното собрание на светската организација а ќе се гласа на 2 мај.
Резолуцијата, како што кажа Османи, меѓу другото се повикува на Повелбата на ОН, Универзалната декларација за човековите права, Конвенцијата за казнување на злосторства од генопцид, на Резолуцијата 827 на ОН во врска со формирање на Меѓународниот трибунал за воени злосторства во поранешна Југославија како и на осум пресуди на трибуналот за виновни за злосторства против босамнските муслимани против Крстиќ, Младиќ и Караџиќ, како и одлуката на МСП од февруари 2007 година за одредување на злосторството во Сребреница како геноцид.
-Во пресрет на одбележување 30 години од геноцид кој се одбележува во 20025 каде најмалку 8372 животи беа изгубени и толку семејства беа уништени ги повикуваме ГС на ОН да ја донесе следнат резолуција со која 11 јули секоја година ќе се одбележува како меѓународен ден за сеќавање и комеморација на геноцидот во Сребреница од 1995 година, осудува без резерва секое одрекување на геноцидот и ги повикува сите членки на ОН да ги чуваат фактите и да ги шират преку образовниот систем развивајќи посебни програми за сеќавање и спречување на повторување на истото, рече меѓу другото Османи.
На новинарско прашање како очекува ова да влијае на односите со Србија со оглед дека претседателот на Србија Александар Вучиќ најави дека некои земји потоа ќе ги нарекува партнери, а не пријателски, Османи вели дека усвојувањето на резолуцијата е посебно важна за Србија и не смета дека тоа ќе влијае на односите меѓу двете земји.
-Мислам дека посебно за Србија е важно да ја изгласа оваа резолуција со цел фактите да бидат признаени и промовирани бидејќи сите одлуки на меѓународните судови и тела покажуваат дека во Сребреница е случен геноцид. Се додека се одрекува и не се признава можноста да се повтори е сеуште веројатно. Затоа посебно ја повикувам Србија да ја изгласа оваа резолуција, но и сите други земји членки на ОН . Не мислам апсолутно дека ова може да влијане на односите со која било земја затоа што се осудува геноцид, вели Османи.
Според МНР, досега резолуцијата ја имаат подржано над 17 земји меѓу кои Словенија, Италија, Лихтенштајн, Ирска, Финска, Холандија, Албанија, Турција, Јордан, Малезија, Чиле и Нов Зеланд.