Македонија ќе испрати дополнителни војници во Косово, Пендаровски за десетина дена ќе го свика Советот за безбедност
Во наредните десетина дена претседателот на државата Стево Пендаровски ќе го свика Советот за безбедност. Луѓето од неговиот кабинет веќе работат на подготовката на точките кои ќе бидат разгледувани. Првата точка ќе биде ситуацијата на Северот на Косово, односно разгледување на одлуката да се испратат дополнителни војници на АРМ во рамките на мировниот контингент кој веќе е во Косово. Оваа одлука се разгледува на барање на НАТО.
„До сега на Косово имаше околу 4500 војници, треба да има околу 5000, секоја држава во рамките на своите можности го засилува својот контингент. Тоа не е некоја тајна, ние имаме 64 војници таму во моментот, сакаме уште 25-26 луѓе да однесеме, во еден од тие сектори, тие ги нарекуваат зони на одговорност на Косово. Значи, Косово ќе биде на дневен ред, Украина ќе биде на дневен ред и последниот случај. Некој вика, тоа е далеку од нас, меѓутоа ние за жал имаме од Сириската војна наваму, имаме луѓе кои што се платеници кои што се борат на една или друга страна, а се наши државјани и треба да видиме што со нив кога утре, задутре ќе се вратат во државата.“, изјави Пендаровски.
А, дали постои реална можност, кризата на Блискиот Исток да се прошири, а со самото тоа и нашата држава да не биде заобиколена. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски вели дека Руската инвазија врз Украина, Блискиот Исток, но и нестабилниот регион, диктираат постојано да се следи состојбата.
„Во постојана комуникација се и Агенцијата за национана безбедност и Агенцијата за разузнавање, заедно со МВР, се со цел да ја зачуваме безбедноста и стабилноста на нашите грагањи и државата, меѓутоа и да влијаеме на стабилноста и безбедноста на регионот.“, вели Спасовски.
За разлика од него, министерката за одбрана, Славјанка Петровска, вчера од Охрид порача дека во моментов нема лоцирани закани по безбедноста на државата и на граѓаните. Институциите, службите, безбедносно – разузнавачката заедница будно ги следат случувањата во Израел и Украина, разменуваат информации и на национално ниво и во рамките на НАТО алијансата, изјави министерката.