Македонската боречка федерација домаќин на заеднички проект со федерациите на Србија и Хрватска за фер-плеј во спортот
Боречката федерација на Република Северна Македонија (БФРСМ) беше домаќин на претставници од боречките федерации на Хрватска и Србија, во рамки на вториот дел од заедничкиот проект „Боречка академија за позитивни вредности“, наменет за обука на млади борачи и тренери.
Првиот дел од проектот беше во рамки на Светското првенство во борење што се одржа во Белград, а изминатите четири дена во Кочани и Штип се реализираа обуки во теоретскиот и практичниот дел, на кои учествуваа 10 тренери и 30 борачи во машка и женска конкуренција.
– За нас овој проект е од голема важност, затоа што директно се работи на фер-плеј однесување и намалување на бројот на повреди во спортот, но и да се спречи користењето допинг средства. Од значење за нашата федерација е и тоа што воспоставуваме посериозна соработка, што ќе се проширува во целиот регион. Во наредната фаза очекуваме да се вклучат и федерациите од Албанија и Бугарија, за што добиваме голема поддршка и од UWW – Светската федерација во борење. Од нивна страна веќе имавме сериозна контрола за условите да организираме светски и европски првенства, добивме позитивни оценки и очекуваме наскоро да бидеме домаќини на ваков голем спортски настан, истакна Дејан Богданов, претседател на БФРСМ.
Од Хрватскиот боречки сојуз нагласија дека се работи за прв заеднички проект на федерациите од трите држави и досегашните резултати од него се позитивни.
– Проекот се реализира одлично, веќе сме на половина од зацртаните активности и се надевам дека до крајот сè ќе биде според планот во кој се опфатени 60 млади борачи и 30 тренери од трите земји. Тие ќе се едуцираат за начинот на спортска исхрана, за избегнување повреди, антидопинг и фер-плеј, што ќе им биде од корист во натамошните настапи. Македонските клубови и Федерацијата се прекрасни домаќини и оваа соработка сигурно нема да биде прва и последна, истакна Тин Бреговиќ, генерален секретар на Хрватскиот боречки сојуз.
Регионалниот проект „Боречка академија за позитивни вредности“ се реализира со финансиска поддршка од 60 илјади евра, обезбедени од Еразмус+ програмата за спорт на ЕУ, а ќе трае до средината на идната година.