Македонските кошаркари до 16 години поразени од Грција

Македонската кошаркарска репрезентација до 16 години вчеравечер загуби од соодветната грчка селекција со 68:67 во пријателски натпревар одигран во Солун.

Македонците на нешто повеќе од три минути имаа предност од девет поени (67:58), но на крајот, победата им припадна на домаќините по серијата од 10:0.

Активностите на машката кадетска селекција се благодарение на одличната соработка помеѓу претседателот на Македонската кошаркарска федерација, Перо Антиќ, со првиот човек на кошаркарската федерација на Грција Вангелис Љољос, со кого во изминатиот период беа одржани неколку работни состаноци.

Двете кадетски селекции денес од 16 часот ќе одиграат уште еден пријателски натпревар.