Македонската женска фудбалска репрезентација загуби вечерва во Скопје од Латвија со 2-1 (1-0) во рамки на претпоследното коло во групата Ц 2 во квалификациите за пласман на Европското првенство во 2025 година.
Избраничките на селекторот Александар Андов го претрпеа вториот пораз во петтиот евроквалификациски натпревар и ги сведоа шансите за пласман во октомврискиот бараж на минимум.
Латвија дојде во водство во судиското продолжение на првото полувреме со голот на Анастасија Пулоховича (45+3), а Македонија го израмни резултатот во самиот финиш преку капитенот Наташа Андонова (90+2).
Кога се очекуваше натпреварот на ФФМ Тренинг комплексот да заврши без победник, гостинските фудбалерки дојдоа до победата во последниот напад кој го реализираше Олга Шевцова во петтата минута од судиското продолжение.
Евроквалификацискиот циклус македонските фудбалерки ќе го заокружат идниот вторник на гостински терен против лидерот во групата Словенија.