Македонци продавале лажни часовници во Црна Гора: Полицијата ги фатила, а еве што друго открила кај нив!

Припадниците на Секторот за безбедност на Подгорица заедно со нивните колеги од Бар уапсија тројца државјани на Македонија кои се осомничени за измама.

Се сомничи дека В.Д., Ф.Д. и Д.С., ова кривично дело го извршиле на тој начин што повеќепати им приоѓале на постари граѓани на улица, на територијата на повеќе градови во Црна Гора и ги доведувале во заблуда.

Тие продавале часовници на луѓе за значително повисоки суми на пари во споредба со нивната реална вредност, со уверување дека се скапи парчиња.

На пример, во Подгорица на едно лице му продале часовник со помала вредност за сума од 1.500 евра, што го повториле во неколку наврати во повеќе градови во Црна Гора.

Полицијата извршила претрес во станот и другите простории што ги користеле овие лица на територијата на општина Бар и во таа прилика пронашла 3.370 евра, разновидни рачни часовници, накит, како и гардеробата што ја користеле. Одземено е возило „мерцедес“.

Идентификувани се, лоцирани и лишени од слобода, а „полициските службеници продолжуваат да работат на овој случај со цел утврдување на фактите и околностите кои можат да упатат на сомнение дека В.Д., Ф.Д. и Д.С. ги извршиле овие незаконски дејствија во врска со други повредени лица“, се наведува во соопштението.

Полицијата ги повикува граѓаните кои се сомневаат дека неодамна биле измамени на ваков начин да се обратат во најблиската полициска станица и да го пријават настанот.