Палестинскиот пратеник во Обединетите нации Ријад Мансур денеска апелираше до генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш да стори повеќе за да се запре „злосторството против човештвото“ на Израел, кој предупреди речиси половина од населението во Појасот Газа да се пресели.
-Тој мора да направи повеќе. Што и да беше направено, не беше доволно. Сите ние мора да направиме повеќе за да го запреме ова злосторство против човештвото, изјави Мансур пред состанокот на амбасадорите на арапските групи во ОН, пренесоа британските медиуми.
Израелската армија ги информираше Обединетите нации дека целото палестинско население во северниот дел на Газа, околу 1,1 милион луѓе, треба да се пресели во јужниот дел од областа во рок од 24 часа, изјави претходно денеска портпаролот на ОН.
Предупредувањето на Армијата се однесува и на персоналот на Обединетите нации и оние кои се сместени во објектите на ОН во северниот дел на Газа.