Маричиќ – Бурк: “Неопходно е забрзано пристапување во ЕУ на земјите од Западен Балкан“

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, денеска на маргините на Преспа форум дијалог, имаше средба со министерот за европски прашања на Република Ирска, Питер Бурк, на која разговараа за пристапните преговори со ЕУ, реформите, процесот на уставни измени и регионалната соработка.

Северна Македонија е искусен кандидат за членство во ЕУ. Оваа година е клучна и за регионот и за Европа и имаме зрел момент со јасен план и мудри одлуки да бидеме успешна европска приказна, по примерот на Ирска, која добро процени дека решавањето на отворените прашања носи придобивки кои ги нуди европскиот проект“, вели Маричиќ на средбата.

Како што известуваат од Секретаријатот за Европски прашања, двајцата соговорници се согласија дека неопходно е забрзано пристапување во ЕУ на земјите од Западен Балкан и дека крајно време е сега да се остварат ветувањата од самитот во Солун.

Бурк укажа дека Ирска е силен поддржувач на интеграцијата на Северна Македонија и Западен Балкан во ЕУ, бидејќи проширувањето придонесува за посилна и безбедна Европа. Тој потенцираше дека членството во ЕУ треба да се заснова на критериуми кои се строги, но фер и дека билатералните спорови не треба да бидат дел од процесот на пристапување.

Маричиќ посочи дека е важно да продолжи одличната и пријателска соработка меѓу двете земји и изрази уверување ваквите односи ќе придонесат за побрза интеграција на Северна Македонија во ЕУ.

На крајот на средбата ирскиот министер му ја подари на Маричиќ книгата „Пофалба за Улис: Одисеја на читателот“ од Ден Мулхол, која симболизира надминување на предизвиците и постигнување на целта, како суштински портрет на Ирска, наведуваат од СЕП