Маричиќ: Во октомври ќе се знае кој е за брзо членство во ЕУ, а кој за вадење на државата од европскиот колосек
„Ќе се интензивира комуникацијата со секој пратеник во наредниот период. Ние очекуваме до месец септември-октомври јасно да се издвојат двата политички блока, едниот којшто е за членство во ЕУ што побрзо и другиот којшто е против членство во ЕУ и којшто смета дека имаме време за чекање. Чекањето е стратегија што ќе ја испразни нашата земја од млади луѓе и којашто ќе ја убие надежта за ЕУ”, изјави вицепремиерот Маричиќ во интервјуто за „Специјал на денот”, на МРТВ 2.
Маричиќ укажа дека доколку навистина сакаме да продолжиме со државите кои преговараат и да се задржиме тој пакет, за да имаме шанса за влез до 2030 година, уставните измени се првата точка, првата одлука.
„Направивме сè, правиме и ќе направиме до крајниот рок да бидат донесени овие уставни измени. Сметам дека ќе успееме зошто другата опција е да се тргнеме од овој колосек на државите кои веќе преговараат, како што се Црна Гора, Албанија и Србија и да останеме во една групата држави кои се многу далеку од преговорите. Босна и Херцеговина минатата година доби кандидатски статус, Косово е во една сосема друг процес за нормализација на односите со Белград, минатата година ја поднесе апликацијата за членство. Ние тие фази одамна сме ги поминале”, додаде Маричиќ.
Вицепремиерот е оптимист дека сите пратеници во Собранието ќе разберат во каков нас поволен момент се наоѓа Северна Македонија и моментот на проширување на ЕУ, бидејќи како што кажа Маричиќ, „јасни се сигналите дека 2030 е реален рок и достижен, но тоа не значи дека ни е даден на сите, зависи како ќе се поставиме ние”.
„Нашата битка е да останеме во пакет со Албанија, да забрзаме и да ги стасаме оние земји кои веќе преговараат 10 години. Нашата цел е наредниот пат кога ќе се отвори вратата за членство во ЕУ ние да бидеме тие што ќе влеземе. Тоа зависи само од нас во моментов и од тоа како ние ќе си ги сфатиме задачите и како ќе ги завршиме задачите. Нема веќе други коишто ќе нè спречуваат да одиме напред, само ние со внатрешната блокада или со неизвршување на задачите и незавршување на реформите може да се доведеме самите во категорија на држави коишто имаат сериозни структурни внатрешни проблеми”, посочи Маричиќ.
За уставните измени Маричиќ смета дека не треба да бидат пречка за продолжување на преговорите со ЕУ, затоа што со нив не се менуваа ништо суштински, се додаваат само неколку заедници, на овие кои веќе се воведени со Охридскиот рамковен договор од 2001 година, и дека одговорноста е јасно лоцирана кај опозицијата и кај пратениците кои треба да гласаат.
„Видовме дека Преговарачката рамка е доволна гаранција за заштита на сите наши граѓани и сите наши заедници. Видовме дека преговарачката рамка е таа што ни зацртува пат кон ЕУ и колку повеќе се трудиме побрзо можеме да влеземе во ЕУ, рече Маричиќ, изразувајќи верување дека со верба и напорна работа можеме да станеме членка на ЕУ до 2030 година.