Маричиќ: ЕУ интеграцијата е пат кој одговорно и свесно го избраа македонските граѓани

 – Европската интеграцијата е пат кој свесно и одговорно го бираме, бидејќи тоа е потребно за стабилност и прогрес на државата, за видливи реформи на внатрешен план, кои ќе дадат позитивна трансформација на македонското општество, порача денеска вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, кој во рамки на официјалната посета на Брисел, се сретна со европратениците од групата на Прогресивна алијанса на социјалисти и демократи во Европскиот парламент, Тонино Пицула, Матјаж Немец и Андреас Шидер.

На средбите, како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, беше разговарано за спроведувањето на европската реформска агенда, за уставните измени, како и за новите случувања на Косово.

– Европратениците ја потврдија поддршката која ја даваат на Северна Македонија да ја одржи динамиката на преговорите со ЕУ, како и дека имаме пријатели во ЕУ кои ги препознаваат нашите позитивни чекори и даваат поддршка на нашите заложби да успееме до 2030 да станеме членка на Унијата, се наведува во соопштението.

На состанокот беше потенцирано дека имаме добра прилика, како држава членка на НАТО, една од ретките во регионот што е целосно усогласена со надворешната политика на ЕУ, држава која ги започна преговорите со ЕУ и која важи за сериозен фактор на стабилност во регионот, да биде во пакетот земји за идно членство во ЕУ.

– На средата соговорниците ја осудија ескалацијата на Косово, за која се согласија дека е потребно итно да се врати дијалогот на маса, бидејќи ваквата состојба не оди во прилог на целиот регион, како и на неговата евроинтеграција, информираат од СЕП.

Маричиќ во Брисел се сретна и со европратеничка од Групата на Зелените, Тинеке Стрике и имаше координативен состанок со в.д. директорката за Западен Балкан на Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Европската Комисија, Микела Матуела.

На средбите се разговараше за текот на скрининг процесот, планот за реформи и изработката на клучните документи од првиот Кластер, Патоказот за владеење на правото, Патоказот за функционирање на демократските институции и реформата на јавната администрација.