Од првичната анализа на Извештајот на ЕК произлегува важна порака – имаме напредок во 80 проценти од поглавјата, а не е нотирано назадување во ниту едно од поглавјата. Значи, има нула назадувања, констатираше вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.
Тој на денешната заедничка прес-конференција со евроамбасадорот Дејвид Гир во Владата, по повод Извештајот на ЕК за напредокот на земјава за 2023 година, посочи дека ги прифаќаат укажувањата и ги сметаат за важен показател за она што се случува и за она што треба да го прават.
Според Маричиќ, во најголем дел од поглавјата сме со соодветно ниво на подготвеност. Како што рече, оценката за вкупната подготвеност на државата за 2023 година е „добро ниво на подготвеност“ и е солидна константа веќе неколку години наназад
Но, посочи, одлагањето или ставањето во неизвесност на преговорите и на членството на Северна Македонија во ЕУ го става во неизвеснот и реформскиот процес.
Според Маричиќ, прифаќањето на уставните измени останува предуслов кој не можеме да го прескокнеме. Тука, појасни, нема никакви дилеми дека одлуката е само во наши раце.
-Лажна приказна, мит, но и неодговорна и опасна политичка позиција е дека Северна Македонија има луксуз да чека или дека може да постигне подобар договор во иднинна. Уверен сум дека со национален консензус и со максимално вложување на Владата како носител на преговорите, но и на сите засегнати страни можеме да ја исполниме заложбата дабидеме подготвени за членство во ЕУ до 2030 година, рече Маричиќ.
Тој потенцираше дека е важна констатацијата на Комисијата дека процесот на скринингот се одвива непречено, успешно и дека земјата и Владата покажуваат високо ниво на посветеност.
-И покрај опструкциите на опозицијата кои се нотирани во извештајот, Северна Македонија се бори и продолжува да ги исполнува условите за продолжување на преговорите за членство, додаде Маричиќ.
Како што посочи, во делот на Кластерот Фундаментални вредности, Европската Комисија констатира дека Северна Македонија продолжи со напорите за зајакнување на демократијата и ја покажа својата посветеност да испорача резултати.
-Како заменик претседател за европски прашања и главен преговарач, ја потенцирам констатацијата на Комисијата, која ја споделуваме и ние дека „Владата и администрацијата мобилизираа значајни ресурси и активно учествуваа во скрининг процесот“. Скрининг процесот ни ја дава основата за дефинирање на идните реформски приоритети од ЕУ агендата, кои треба да се спроведуваат и за кои неминовно е потребен широк општествен консензус. Во таа насока работиме на подготовка на патоказите за владеење на право, реформите во администрацијата и функционирањето на демократските институции, рече Маричиќ.
Според вицепремиерот, сè што е наведено во Извештајот, ни е добро познато и силно се работи на решенијата.
-Пример за тоа дека предизвиците се детектирани од наша страна и дека на нив работиме за да најдеме соодветни решенија, е работата на Судскиот совет. Ние го согледавме проблемот во функционирањето на Судскиот Совет и затоа побаравме оценска мисија од Европската Унија, која веќе е во тек. Сега ги очекуваме наодите и препораките и останува секоја соодветна институција во рамките на своите надлежности во правосудството, да ги имплементира, додаде Маричиќ.
Во делот на функционирањето на демократските институции Европската Комисија, вицепремиерот посочи дека се укажува на потребата да се донесат уставните измени, како и обврските од Дијалогот „Жан Моне“.
-Во однос на основните човекови права, останува оценката на Европската Комисија дека правната рамка е генерално усогласена со стандардите на ЕУ. Предизвиците остануваат во делот на јакнење на капацитетите на независните тела (Народен правобранител, Комисија за заштита и спречување од дискриминација), унапредување на правата на лицата со посебни потреби, и особено во подобрување на состојбите во затворите и притворите, рече Маричиќ.
Како што наведе, во однос на економските критериуми, има добро ниво на подготовка во развојот на функционална пазарна економија. Иако во 2022 година, економијата беше тешко погодена од последиците од руската агресија против Украина, сепак Северна Македонија, како што рече, успеа да обезбеди финансиска и макроекономска стабилност.
Маричиќ додаде дека препораките во Извештајот, како и секоја година, ќе користат како основа за спроведување на реформите за следниот период.
-Целосно сме свесни дека следната година е изборна година, во земјата ќе се случат собраниски и претседателски избори, но исто така и во Европската Унија, избори за нов ЕП и целосно нова раководна структура на Европската Унија. Затоа, повикувам – сега е моментот да ја зграбиме понудената шанса и да пристапиме кон отворената врата. Сите политички субјекти се повикани да ја преземат одговорноста. Да се покажеме достојни на предизвикот за да го направиме новиот чекор за поблиску до евроинтеграцијата, посочи Маричиќ.