Марија Захарова: “Русите кои живеат во државите кои воведоа санкции кон Русија ќе можат да гласаат на претседателските избори во март“
Русите кои живеат во странство ќе можат да гласаат на претседателските избори во март, дури и ако живеат во „непријателски“ земји кои воведоа санкции кон Москва поради војната во Украина, соопшти денес портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова.
Таа кажа дека избирачки места ќе има во сите земји каде Русија има дипломатски претставништва.
Поддржувачите и противниците на рускиот претседател Владимир Путин очекуваат дека тој ќе победи на изборите од 15. до 17. март и ќе продолжи да владее уште шест години, посочуваат странските агенции.
Марија Захарова најави дека Русија ќе покани странски набљудувачи од Заедницата на независни држави, група земји кои беа дел од Советскиот Сојуз, како и од Шангајската организација за соработка, која ги вклучува Кина, Индија, Пакистан и Иран.
Таа посочи дека би било „чудно“ доколку Русија на изборите покани „русофобични“ набљудувачи од Советот на Европа.