Социјалната мрежа Икс (Твитер) ќе ја укине опцијата корисниците да блокираат други сметки, објави денеска сопственикот на таа социјална мрежа Илон Маск.
„Блокирањето ќе биде отстрането како функција, освен за ДМ (директни пораки). Бесмислено е“, напиша Маск.
Блокирањето е популарна алатка која им помага на корисниците да се заштитат од несакани интеракции на социјалната мрежа, пишува Bloomberg.
Опцијата значи дека блокираните корисници не ги гледаат објавите на лицето што ги блокирало и дека нивните објави не се појавуваат на корисникот што ги блокирал.
X/Twitter го опишува Блок како „функција што ви помага да контролирате како комуницирате со други сметки на Твитер. Оваа функција им помага на луѓето да ограничат одредени сметки да контактираат со нив, да ги гледаат нивните твитови и да ги следат“. Блокирањето други сметки е корисно ако некој ве вознемирува, се заканува или демне на оваа платформа.
Наместо да ја користи опцијата „блок“, Маск им предложи на корисниците на X да ја користат функцијата за исклучување.
Маск претходно ја намали функцијата за блокирање. Во јуни, тој објави: „Блокирањето јавни објави нема смисла. Тоа треба да се укине во корист на посилна форма на придушување, иако тој не објасни што може да значи „посилна форма на придушување“.