Поголемиот внес на маслиново масло е поврзан со помал ризик од смртност поврзана со деменција, според студијата објавена во списанието JAMA Network Open.
Истражувачите користеле податоци од две големи претходни истражувања во Соединетите Американски Држави – Студијата за здравјето на медицинските сестри и Студијата за следење на здравствените работници.
Обработените податоци открија дека луѓето кои консумираат повеќе од седум грама маслиново масло дневно, што е околу половина лажица, имаат значително помала стапка на смртност од деменција во споредба со оние кои користат помала количина од ова масло.
Со масло и подобра исхрана
Во истражувањето учествувале вкупно 92.383 луѓе, 65 отсто биле жени, а просечната возраст била 56 години. Истражувачите спроведоа 28-годишно следење, за кое време се случија вкупно 37.649 смртни случаи и 4.751 смртни случаи поврзани со деменција.
На почетокот на студијата, просечната потрошувачка на маслиново масло беше 1,3 грама дневно. Во споредба со оние кои никогаш не користеле маслиново масло или го користеле помалку од еднаш месечно, учесниците со поголема потрошувачка на маслиново масло (повеќе од седум грама на ден) на почетокот на студијата:
- имале поголем внес на калории, но не и поголема телесна тежина
- тие се хранеле подобро
- консумирале повеќе алкохол
- биле физички поактивни
- помалку пушеле
Пријател на мозокот
Генерално, истражувачите откриле дека консумирањето најмалку седум грама маслиново масло секој ден е поврзано со 28 отсто помал ризик од смрт поврзана со деменција.
– Оваа студија е интересна и има многу смисла, бидејќи имаме многу истражувања кои ги поврзуваат мононезаситените масти со здравјето на мозокот и когнитивните способности – изјави Каролин Томасон, диететичар од Вашингтон, која не беше вклучена во студијата.