Масовни протести во Манипур поради напади врз жени

 Илјадници демонстранти, главно жени, денеска одржаа протести во индиската сојузна држава Манипур, барајќи од властите веднаш да ги уапсат одговорните за нападот врз две жени, кои беа принудени да шетаат голи на јавен простор.

Лидерите на неколку религиозни и женски организации зборуваа пред насобраните околу 15.000 лица, кои побараа смена на Бирен Синг, првиот човел на индиската држава Манипур, пренесуваат американските медиуми. 

Протест се одржа и во Чуракандпур, град на околу 65 километри јужно од Имфал, главниот град на државата Манипур.

Видео објавено на социјалните мрежи на кое се гледа нападот врз двете жени предизвика гневна реакција и незадоволство. На видеото се гледаат две голи жени опкружени со поголема група млади мажи кои ги фаќаат за гениталиите и насилно ги влечат во поле.

Полицијата соопшти дека овој напад се случил на 4 мај, а според полициската белешка направена на 18 мај, двете жени потекнуваат од семејство од кое во напад на толпата загинале двајца мажи.

Од почетокот на мај во Манипур, во етнички мотивирано насилство загинаа повеќе од 130 лица. 

Локалните власти денеска потврдија дека за скандалот се уапсени петмина осомничени, а директорот на полицијата Раџив Синг изјави дека полицијата води истрага за апсење на други осомничени.