Мајкрософт нападнат од руски хакери, добиле пристап до е-поштата на високи директори

Руска хакерска група добила пристап до некои сметки на е-пошта на високи директори на Мајкрософт, објави компанијата.

Компанијата во соопштението во петокот рече дека безбедносниот тим на Мајкрософт го открил хакерскиот напад врз корпоративните системи на 12 јануари и веднаш се активирал да го одбие пристапот до податоците.

Како што стои во информацијата, Мајкрософт идентификуваше дека хакерските закани доаѓаат од руската хакерска група Нобелиум, која е одговорна за нападот врз SolarWinds во 2020 година, објави Си-Ен-Ен.

Хакерите можеа да добијат пристап до „многу мал процент од корпоративните сметки за е-пошта на Мајкрософт“, соопшти компанијата, истакнувајќи дека тие вклучуваат сметки што им припаѓаат на членовите на високиот менаџерски тим и вработени во одделот за сајбер безбедност и правни работи.

Во моментов нема докази дека хакерите имале пристап до кориснички средини или системи за вештачка интелигенција, рече Мајкрософт, истакнувајќи дека нападот започнал кон крајот на ноември 2023 година.

Од компанијата додаваат дека истрагата за нападот е во тек.

Американското Федерално истражно биро (ФБИ) за Си-Ен-Ен изјави дека помага во истрагата на случајот.