Министерство за внатрешни работи со цел да се олесни и забрза процесот на промена на личните документи, започна со имплементација на пилот проект на територијата на Скопје за доставување на готови лични карти и возачки дозволи на домашна адреса, преку полициските станици.
Од МВР потенцираат дека овој пилот проект се спроведува само во Скопје.
„Исто така, ги известуваме граѓаните дека во сабота (27.01.2024) ќе работат шалтерите за издавање на готови документи во објектите во Беко и МРТВ (од 08 до 16 часот)“, велат од МВР.
Од министерството претходно информираа дека личните карти чиј рок не е истечен ќе продолжат да важат и по 12.02.2024 година.
„МВР како ресорно министерство надлежно за издавање на лични документи укажува дека Законот за личната карта не е изменет. За таа цел, ги информираме граѓаните на Република Северна Македонија, дека личните карти со називот на државата „РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА“ кои имаат важност, односно чиј рок не е истечен, продолжуваат да важат и по 12 февруари 2024 година“, соопштија неодамна од МВР.