МВР со информација, демиркапијците со прострелни рани се на возраст од 72 и 34 години

МВР за МИА информира дека демиркапијците кои изутрината беа најдени со прострелни рани во нивните домови се на возраст од 72 и 34 години.  

– Денеска  во 06.50 часот во Полициската канцеларија Демир Капија било пријавено дека во нивните домови со прострелни рани биле пронајдени Б.М.(34) и М.К.(72), двајцата од Демир Капија. Смрт кај двајцата констатирал лекар од Итна медицинска помош, а во координација со јавен обвинител на местото се врши увид, соопштија од МВР. 

Убиство и самоубиство ја потресе демиркаписката и Тиквешката јавност. 

Видно потресен, градоначалникот на Демир Капија, Лазар Петров потврди за  МИА дека се случил немил настан, но не знаеше да каже детали за случајот. Изрази жалење и очекува истрагата да покаже што точно се случило.

Според првичните сознанија, повозрасниот демиркапиец по претходна расправија пукал во соседот што живеел над него во зграда, па се самоубил. 

ОЈО Кавадарци се уште врши увид во зградата во која се пронајдени тела на две починати лица. Се преземаат дејствија за испитување на настанот.