МД „Илинден“-Тирана потпиша Меморандум за соработка со Централниот совет на Македонците во Германија
– Македонското друштво „Илинден”-Тирана денеска потпиша Меморандум за соработка со Централниот совет на Македонците во Сојузна Република Германија.
-Во рамки на нашите заложби за поблиска соработка со сродни македонски асоциации денеска во Берлин, со Роберт Кленкоски, претседател на Централниот совет на Македонците во Сојузна Република Германија, потпишавме Меморандум за соработка, изјави за МИА претседателот на друштвото „Илинден”, Никола Ѓурѓај.
Целта е промоција на македонските национални, традиционални и историски вредности , македонска култура, македонски јазик, традиции, фолклор, на национално и меѓународно ниво.
-Искажавме взаемен интерес за градење на партнерство во спроведување на конкретни проектни активности со намера да ги реализираме заедничките цели преку заеднички проекти. Наша цел ќе биде да спроведуваме истражувања, креирање, развој и промоција на македонската култура, размена на деца и младинци како учесници во разни манифестации, како и промовирање и поддршка на научни, културно-уметнички, спортски и хуманитарни активности и манифестации, рече Ѓурѓај.
Досега МД „Илинден” има потпишано меморандуми за соработка со десеттина македонски друштва и здруженија во земјава и други земји во Европа и светот.