Мега-проектот што требаше да ги “збратими“ Владимир Путин и Си Џинпинг е одложен поради пазарење: “Побараа повеќе…“
Изградбата на долго планираниот мегапроект, кој ги поврзува руските гасни полиња со Кина, е одложена поради пазарење.
Гасоводот „Моќта на Сибир 2“, кој треба да ја минува монголската територија, е приоритет за Русија повеќе од една деценија и доби уште поголемо значење откако Европа го ограничи увозот на руски гас како одговор на сеопфатната инвазија на Владимир Путин на Украина.
Премиерот на Монголија, Лувсаннамсраин Ојун-Ерден, откри за Financial Times дека изградбата на гасоводот меѓу Русија и Кина ќе се одложи до понатамошно известување, додавајќи дека на двете страни и треба повеќе време да спроведат подетални економски студии.
Масовниот инфраструктурен проект требаше да започне на почетокот на оваа година, но рекордните глобални цени на гасот во последните две години ги комплицираа преговорите меѓу Пекинг и Москва.
„Кинеската и руската страна сè уште вршат пресметки на вредноста и проценки на инвестициите и се договараат за економските придобивки“, додаде Лувсаннамсраин Ојун-Ерден.
Рускиот државен енергетски гигант „Газпром“ започна физибилити студија за проектот уште во 2020 година и сака гасоводот да биде оперативен до 2030 година. Вицепремиерот на Русија, Александар Новак, изјави дека времето за изградба ќе биде финализирано по потпишувањето на обврзувачките договори со кинеските партнери. Гасоводот „Моќта на Сибир 2“ ќе минува од полуостровот Јамал во западен Сибир, преку Монголија, сè до североисточна Кина. Би се протегал на 3.550 километри, од кои 950 километри би поминувале преку монголска територија.
Кина веќе добива гас од источна Русија преку гасоводот „Моќта на Сибир 1“, кој започна со работа во 2019 година. Овој гасовод минатата година транспортираше приближно 23 милијарди кубни метри гас, а се очекува да го достигне својот полн капацитет од 38 милијарди кубни метри во 2025 година.
Новиот гасовод ќе донесе уште 50 милијарди кубни метри гас во Кина, што ќе создаде нов пазар за Русија за гасот што претходно го продаваше во Европа. Пред инвазијата на Владимир Путин, рускиот гас сочинуваше приближно половина од вкупниот увоз на ЕУ, односно повеќе од 150 милијарди кубни метри руски гас пристигнуваше во Европа годишно.
Сергеј Вакуленко, поранешен директор за стратегија за „Газпром“, вели дека Русија најверојатно ќе бара подобри финансиски услови од Кина отколку што постигна во договорот за „Моќта на Сибир 1“, потпишан во 2014 година, кога глобалните цени на гасот беа значително пониски. Иако условите од договорот за „Моќта на Сибир 1“ не се јавно достапни, анализата на Сергеј Вакуленко на податоците покажува дека Русија продавала гас по значително пониска цена од Туркменистан или Узбекистан, кои исто така ја снабдуваат Кина со гас.
„Од една страна, Кинезите немаат многу за размислување бидејќи им треба овој гас. Од друга страна е Русија, која има многу гас и сака подобри услови. Претпоставувам дека има пазарење во моментов“, смета Сергеј Вакуленко.
Министерството за надворешни работи на Кина директно не ги коментираше преговорите, но истакна дека природниот гас е важен аспект на кинеско-руската енергетска соработка.
„Двете страни постојано соработуваа во областа на природниот гас врз основа на принципите на взаемно почитување и взаемна корист“, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи на Кина за Financial Times.
Аналитичарот на Rystad Energy, Веи Ксионг, вели дека локалната индустрија во Кина сè уште смета на почетокот на работата на гасоводот во 2030 година за да ја задоволи зголемената побарувачка на Кина.
„Иако цените на гасоводот пораснаа во последниве години, тие сè уште се многу пониски од увозот на течен гас“, вели Веи Ксионг, мислејќи на течниот природен гас што пристигнува во Кина од Австралија и Катар и заклучува: „Долгорочно, на Кина и треба и двете за да го диверзифицира снабдувањето со гас“.