Медведев: Воената помош на НАТО за Украина ќе го приближи светот до трета светска војна

– Воената помош од НАТО за Украина ќе го приближи светот до третата светска војна, тврди поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев.

„Целосно лудиот Запад не можеше да смисли ништо друго. Предвидливост на највисоко ниво… Всушност, тоа е ќор-сокак. Третата светска војна е сѐ поблиску“, рече Медведев, кој моментно е заменик-секретар на Советот за безбедност на Кремљ, во изјава за Телеграм.

Медведев тврди дека прелиминарните резултати од овонеделниот Самит на НАТО во Вилнус излегле „исто како што мислеле“, конкретно укажувајќи на откажувањето на Акциониот план за членство на Киев во НАТО, поканата за Украина во Алијансата, и зголемената воена помош.

„Што значи сето ова за нас? Сѐ е очигледно. Специјалната воена операција ќе продолжи со исти цели“, додаде Медведев, користејќи го терминот на Москва за војната.

Тој, исто така, рече дека една од овие цели е да се спречи Украина да добие членство во НАТО, на што, како што рече, Русија „инсистирала од самиот почеток“.