Медведев: Русија мора да избере нестандардни цели за напади врз Украина

Има и други места каде што уште не очекуваат, објави поранешниот претседател на Русија на Телеграм

Поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев изјави во понеделникот дека Москва мора да избере нестандардни цели за нејзините напади врз Украина, јавува Anadolu.

„Мораме да избереме нестандардни цели за нашите напади. Не само магацини, енергетски центри и нафтени бази. Има и други места каде што сè уште не очекуваат. И каде ефектот ќе биде многу значаен“, објави Медведев на Telegram.

Тој тврди дека Украина избира „мирни, цивилни цели“ за своите напади врз Русија, бидејќи не успеала „да постигне успех за време на контраофанзивата“, која започна минатиот месец.

„Тоа значи дека се потребни информативни победи… Затоа, прифатливи се и напади врз цивилни цели“, рече Медведев, кој е познат по своите шокантни и провокативни изјави.

Москва ја започна својата специјална воена операција во Украина во февруари минатата година.