Медведчук поднесе тужба против Врховната Рада за одземениот пратенички мандат

–  Украинскиот опозициски политичар Виктор Медведчук поднесе тужба против Врховната Рада на Украина поради одземање на неговиот пратенички мандат, соопшти денеска шефот на парламентарната група „Слуга на народот“, Дејвид Арахамија.

Претходно, со Указ на украинскиот претседател Володимир Зеленски, на Медведчук му беше одземено украинското државјанство, а во јануари и Врховната Рада му го одзеде пратеничкиот мандат.

Медведчук беше предаден на руската страна за време на една од размената на затвореници со Украина.

Службата за безбедност на Украина (СБУ) го сомничи Медведчук за предавство и помагање во тероризам, додека тој смета дека овие кривични постапки се „политички прогон“, наведуваат руските медиуми.

Зеленски лани потпиша закон за забрана на работењето на „проруските“ партии во Украина.

Со одлука на украинскиот Совет за национална безбедност и одбрана со казнените одредби на законот беа опфатени повеќе од 15 партии, меѓу кои и „Опозициската платформа – За живот“ на Виктор Медведчук.