Медиумски извештаи: Египетските разузнавачи го предупредиле Израел на можна ескалација

– Египетските разузнавачи во повеќе наврати го предупредувале Израел дека Хамас планира „нешто многу големо“, но нивните соговорници не го сфатија тоа сериозно.

Повикувајќи се на изјава на неименуван египетски разузнавач, новинската агенција Асошиејтед прес (АП) објави дека тие го предупредиле Израел дека палестинските групи подготвуваат напади од Појасот Газа.

Египетски функционер рече дека ги предупредиле своите соговорници во Тел Авив за ситуацијата во Газа за време на тековните разговори за размена на затвореници.

„Многупати ги предупредувавме Израелците дека ситуацијата достигнува точка на експлозија и дека ќе биде многу голема. Но, тие го потценија тоа предупредување“, рече тој.

Израелските медиуми ги критикуваа воените, безбедносните и разузнавачките агенции на земјата дека покажале голема слабост во спречувањето на саботните напади од Газа.

Портпаролот на израелската Армија, Даниел Хагари, прифати дека Армијата ѝ должи објаснување на јавноста, но рече дека сега не е време и дека прво ќе се борат, а потоа ќе истражат.