Голманот на мексиканскиот фудбалски прволигаш Тигрес, Нахуел Гузман, доби суспензија од 11 натпревари откако впери ласер во чуварот на мрежата на Монтереј, Естебан Андрада, за време на натпревар од мексиканската лига одигран изминатиот викенд, соопшти денеска Фудбалската федерација на Мексико.
На видео од инцидентот споделено на социјалните мрежи, Гузман, кој беше повреден и го следеше натпреварот од трибините, се гледа како насочува ласер кон очите на Андрада за време на ремито 3-3. Голманот подоцна се извини.
Мексиканската Федерација, преку Дисциплинска комисија, наведе дека изречената казна треба да служи како пример да не се повторат слични инциденти.
„Комисијата одлучи да го казни Нахуел Игнасио Гузман Паломеке од Тигрес со суспензија од 11 натпревари, парична казна, како и часови на општествено корисна работа“, се вели во соопштението.
Тигрес, од своја страна, објави дека ја прифаќа казната за својот голман и најави дека и самиот клуб дополнително ќе го санкционира Гузман.