Меси ја зеде Златната топка и допре до срцата на сите: Диего каде и да си, среќен роденден!

Аргентинецот Лионел Меси во понеделникот вечерта по осми пат ја освои Златната топка за најдобар играч во една година.

Иако има и такви кои не се согласија со изборот на Меси, факт е дека трофејот повторно заврши во негови раце.

А куриозитет е што сето тоа се случило на роденденот на легендарниот Диего Армандо Марадона, идолот на Лионел Меси.

– Вечерва сакам да го спомнам и Диего. Нема поубаво место од ова за да го прослави неговиот роденден, со толку многу луѓе кои го сакаат фудбалот, како што тој го сакаше. Каде и да си Диего, среќен роденден. Оваа награда е за тебе – рече Меси и ги разнежни сите што го слушнаа неговиот говор.

Познатата „десетка“ не заборави да спомене и некои особено важни личности за освојувањето на наградата.

– Наградата оди кај сите од репрезентацијата на Аргентина, сите се подеднакво заслужни, играчите, стручниот штаб, сите во Аргентина. Не можев да замислам ваква кариера, благословен сум, не беше лесно да се постигне сето тоа. Сите осум „Златни топки“ се посебни, но најважни се колективните трофеи и признанија. Не знам кога ќе ја завршам кариерата, но знам дека сакам да играм додека можам – заклучи Меси.